Сончево и стабилно време до вторник, од среда промена со дожд и пад на температурите
Стабилното и релативно топло време ќе се задржи до вторник, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Од среда се очекува промена на временската состојба, со локални врнежи од дожд и пад на дневните температури.
По претежно облачното утро, денеска времето во земјава ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен северен ветер, кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Утринските температури се движат од 2 до 12 Целзиусови степени, а дневните ќе достигнат од 15 до 22 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно сончево со умерена облачност и слаб до умерен северен ветер, а максималната температура ќе се искачи до 21 степен.
Метеоролозите најавуваат дека до вторник ќе преовладува стабилно и суво време, а од среда следува преодно наоблачување, со постепено заладување и повремени врнежи од дожд во повеќе региони од земјата.
 
			