Од денеска стартува новиот Шенген систем за влез и излез – македонските граѓани ќе даваат биометриски податоци
Од денеска, 12 октомври стапува во сила новиот дигитален Систем за влез и излез (EES) на граничните премини на 29 земји членки на Шенген-зоната. Новите правила ќе се воведуваат постепено, а целосната примена се очекува до април следната година.
Со овој систем, земјите од Шенген зоната ќе започнат електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји – меѓу кои спаѓаат и граѓаните на Македонија – секогаш кога влегуваат или излегуваат од надворешните граници на зоната, за краткорочни престои до 90 дена.
По 10 април 2026 година, системот ќе биде задолжителен за сите гранични премини, а печатите во пасошите ќе бидат заменети со дигитални записи.
Новата процедура предвидува дека граѓаните кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ или Шенген-зоната ќе треба при првиот влез во некоја од земјите членки да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија.
EES системот има за цел да ја засили безбедноста, да го скрати времето на проверка на патниците и да овозможи поефикасна контрола на прекршувањата на дозволениот престој.
 
			