Трамп најави 100% царини за кинеските производи – пазарите реагираа со ликвидација од 7,5 милијарди долари
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја обнови трговската офанзива против Кина, како одговор на ограничувањата што Пекинг ги воведе врз извозот на ретки земјини минерали – стратешки сектор клучен за високата технологија и одбранбената индустрија.
Во објава на својата платформа Truth Social, Трамп најави дека САД ќе воведат дополнителни 100% царини за кинеските производи, кои треба да стапат во сила на 1 октомври или порано, покрај веќе постојните тарифи.
„Кина презеде невиден чекор – испрати непријателско писмо до целиот свет, со кое најавува дека од 1 ноември 2025 година ќе воведе обемни контроли на извозот на речиси сите свои производи, па дури и на некои што воопшто не ги произведува,“ изјави Трамп.
„Тоа е без преседан во меѓународната трговија и морален срам за глобалните односи. Како одговор, САД ќе воведат 100% царина на кинеските стоки и ќе воспостават сопствени контроли на извозот на сите клучни технологии и софтвер,“ додаде тој.
Реакција на финансиските пазари: рекордна ликвидација на крипто позициите
Објавата на Трамп предизвика вртоглави турбуленции на крипто пазарот, каде што во рок од еден час беа ликвидирани над 7,5 милијарди долари во позиции, покажуваат податоците на „CoinGlass“.
Од нив, 6,22 милијарди долари биле долги позиции, а 1,29 милијарди кратки. Најголема ликвидација беше забележана кај Биткоин – со 1,83 милијарди долари, проследен од Етереум (1,68 милијарди), Солана (614 милиони) и XRP (432 милиони долари).
Ликвидацијата претставува присилно затворање на позициите на трговците кои изгубиле премногу пари и повеќе немаат средства за да ги покријат загубите – ситуација што најчесто настанува при користење на левериџ, односно тргување со позајмени пари.
Со овој потег, Трамп испраќа јасен сигнал дека ќе ја засили економската конфронтација со Кина, што според аналитичарите може да има далекусежни последици врз глобалната трговија и финансиските пазари.
 
			