Обвинителот Коцевски остро реагира на јавните настапи на адвокати за случајот „Пулс“ – бара почитување на етичките норми
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски упати писмо до претседателот на Адвокатската комора на Македонија, во кое остро реагира на, како што наведува, „неетичкото и неосновано јавно коментирање“ на обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
Во писмото Коцевски посочува дека одредени адвокати изнесуваат јавни оценки и предвремени заклучоци за текот и траењето на судската постапка, без притоа да бидат запознаени со содржината на обвинението, доказниот материјал или судската динамика.
„Ниту еден од бранителите досега не доставил доказ дека презел самостојно дејство за обезбедување докази во корист на својот клиент, согласно член 306 од Законот за кривична постапка,“ наведува Коцевски.
Посебно ја истакнува изјавата на адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска, дадена во емисијата Студио 10 на ТВ 24 на 9 октомври, оценувајќи ја како пример за неетички јавен настап спротивен на Кодексот за професионална етика на адвокатите.
„Во емисијата беа изнесени невистини дека дел од доказниот материјал не бил доставен на одбраната. Сите докази се комплетно приложени до судот и до сите бранители. Таквите изјави се обид за нарушување на интегритетот на истрагата и угледот на Јавното обвинителство,“ стои во писмото.
Обвинителот потсетува дека доказниот материјал во случајот е „обемен и резултат на макотрпна работа“ и дека адвокатите се должни навремено да се запознаат со него.
„Доколку адвокатката не го презела или не го прегледала материјалот, тоа е нејзина одговорност, а има можност тоа да го истакне пред судот. Ваквиот јавен настап е спротивен на принципот број 5 од Кодексот, кој забранува барање личен публицитет на недостоен начин,“ додава Коцевски.
Тој потсетува дека адвокатите се должни да го штитат угледот на судот и институциите и да настапуваат како професионални застапници на законитоста, а не како јавни коментатори.
„Изнесувањето на неосновани проценки за текот на постапката ја нарушува довербата во судството и создава лажна перцепција дека судот е неефикасен, иако судењето сè уште не е започнато,“ нагласува Коцевски.
Во завршницата на писмото, тој укажува дека местото за соочување на доказите е судницата, а не медиумите:
„Избегнувањето на судската постапка и обидите да се влијае врз јавноста преку дезинформации само ја потврдуваат цврстината на доказите што ги обезбеди Обвинителството.“