Тему и АлиЕкспрес ќе го „спасуваат“ македонскиот буџет
Граѓаните наскоро ќе плаќаат 18% ДДВ и за онлајн нарачки од странство со вредност под 22 евра, кои досега беа ослободени од оданочување. Владата до Собранието достави предлог измени на Законот за данок на додадена вредност, со кои ќе се укине оваа поволност. Тоа значи дека, на пример, за производ од 1.000 денари нарачан преку платформи како Тему или АлиЕкспрес, ќе треба да се плати уште околу 180 денари, односно 3 евра дополнително.
Од Министерството за финансии велат дека измените се насочени кон поддршка на домашната економија и намалување на нелојалната конкуренција од странските онлајн продавници.
„Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и повисоки плати. Новиот систем ќе помогне и во намалување на сивата економија, бидејќи досега имаше злоупотреби со увоз на стоки ослободени од данок, кои потоа се продаваа на домашниот пазар“, соопштуваат од Министерството.
Според нивните податоци, околу 65.000 евра месечно од купувањата преку странски онлајн платформи би можеле да се пренасочат кон домашното стопанство.
Економскиот аналитичар и универзитетски професор Насир Селими смета дека измените имаат позитивна страна, но предупредува на внимателен пристап:
„Добро е што се преземаат мерки за да се стопираат незаконитостите, но треба да се внимава за кои производи станува збор, за да не се оштетат домашните продавници кои веќе се соочуваат со конкуренцијата од Тему и слични компании,“ вели Селими.
И натаму ќе останат ослободени од давачки пратките испратени како подарок, но само ако вредноста не надминува 22 евра и не се однесува на алкохол, парфеми или цигари.
Во јуни годинава, македонските граѓани преку Тему нарачале 250 тони стока, од кои 95 тони биле во вредност под 22 евра — за нив не е платен ниту еден денар данок. За останатите пратки, државата наплатила над 680 илјади евра давачки.
Онлајн трансакциите во првата половина од годинава пораснале за 34,3%, достигнувајќи 456,3 милиони евра, додека увозот од Кина заклучно со август се зголемил за 15,7%, со вкупна вредност од околу 800 милиони евра.
Според сегашната практика, пратките:
-
до 22 евра се ослободени од давачки,
-
од 22 до 45 евра се оданочуваат само со ДДВ,
-
над 45 евра подлежат и на царина и ДДВ.
Новите измени, доколку бидат изгласани, ќе го укинат прагот од 22 евра и ќе воведат еднаков даночен третман за сите увозни пратки.