Осомничени осум лица во акцијата на Финансиската полиција и ОЈО Битола – меѓу нив и бизнисменот и конзул Борче Марковски
Вкупно осум лица се осомничени во најновата акција на Финансиската полиција и Основното јавно обвинителство Битола, во истрага поврзана со тендер вреден 106 милиони денари.
Според информациите, меѓу приведените се сопственикот на компанијата „Марковски Компани“ – Борче Марковски, како и еден вработен во фирмата. Останатите осомничени се поранешни раководители во ЕСМ и РЕК Битола, главно технички директори.
Четворица од нив биле уапсени утрово, додека двајца се под мерки на претпазливост, бидејќи веќе се опфатени во претходни истраги за наводен криминал во РЕК Битола.
Обвинителството ги сомничи осомничените дека ја злоупотребиле тендерската постапка за демонтажа, транспорт и монтажа на погонски станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола, во вредност од 106 милиони денари.
Според истрагата, фирмата ги демонтирала и пренела погонските станици, но никогаш не ја извршила монтажата, иако тоа било предвидено во договорот за јавна набавка.
Станува збор за транспортни ленти кои служат за пренос на ископ од еден на друг дел во комбинатот. Истражителите се сомневаат и во оправданоста на самото префрлање на лентите, бидејќи во тој период, според рударскиот проект, транспортот на ископините се вршел со багери и камиони, што го отвора прашањето дали набавката служела за испумпување на пари од буџетот.
Од Обвинителството во Битола официјално потврдуваат дека постапуваат по наредби на јавниот обвинител, без да изнесат детали. Се очекува уапсените да бидат изведени пред судија на претходна постапка до крајот на денот или утре наутро, кога ќе се одлучува за мерките на претпазливост.
Кој е Борче Марковски
Борче Марковски е битолски бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во Македонија. Тој е сопственик на компанијата „Марковски Компани“, која редовно добиваше тендери за ископ на јаловина и одржување на рудничката механизација во РЕК Битола.
Според податоците од Централниот регистар, фирмата е основана во 2002 година, има над 300 вработени и располага со сопствен машински и возен парк. Во 2024 година компанијата остварила приходи од речиси 2,8 милијарди денари, што ја вбројува меѓу најголемите градежни фирми во земјата.
Еден од најголемите договори што компанијата го добила од ЕСМ се однесува на ископ и одржување во РЕК Битола, со вредност од околу 46 милиони евра, што е рекорден износ во историјата на комбинатот.