Уапсен косовскиот аналитичар Фатмир Шехоли под сомнение за шпионажа
Полицијата во Косово, во координација со разузнавачката служба и Специјалното обвинителство, го уапси политичкиот аналитичар и директор на Приштинскиот институт за афирмација на меѓуетничките односи, Фатмир Шехоли, под сомнение за вмешаност во шпионажа.
Министерот за внатрешни работи во технички мандат, Џељал Свечља, соопшти дека апсењето е резултат на повеќемесечна истрага и дека се работи за едно од најсериозните дела против безбедноста и уставниот поредок на Косово.
Според информациите од Специјалното обвинителство во Приштина, на Шехоли му е одреден притвор од 48 часа, а во тек е претрес на неговото живеалиште со цел обезбедување дополнителни докази.
„Специјалното обвинителство на Косово, во координација со косовската полиција, ги презема сите потребни истражни дејствија во согласност со Законот за кривична постапка и важечките прописи. Јавноста ќе биде навремено информирана,“ се наведува во соопштението на обвинителството.
Министерот Свечља изјави дека очекува случајот да добие институционален третман со најголема сериозност, нагласувајќи дека „времето на српските шпиони на Косово заврши.“
„Секој што работи за Србија против Косово ќе биде гонет без компромис. Тие поединци со неограничен медиумски простор дејствувале во корист на актери кои се обидуваат да го поткопаат Косово и неговиот напредок,“ напиша Свечља на Фејсбук.
Фатмир Шехоли е познат политички аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина. Засега, косовските власти не објавија детали за евентуалните врски на Шехоли со странски разузнавачки структури.