Владата предлага укинување на ослободувањето од ДДВ за пратки до 22 евра
Онлајн купувањата од странство наскоро ќе станат поскапи – Владата го достави до Собранието Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ), со кој се укинува ослободувањето од плаќање ДДВ при увоз на пратки со мала вредност до 22 евра.
Според предложените измени, ослободувањето ќе важи исклучиво за пратки од некомерцијална природа, испратени од физичко лице до физичко лице, доколку нивната вредност не надминува 22 евра во денарска противвредност. Исклучок ќе бидат пратки што содржат алкохол, парфеми, тутун и тутунски производи, за кои важат други даночни правила.
Со ова, сите онлајн купувања од странски веб-платформи – без разлика на вредноста – ќе бидат предмет на оданочување со ДДВ. Промената ја усогласува Македонија со европската практика, бидејќи Европската унија уште во 2021 година го укина истиот праг за ослободување.
Иако законот е поднесен во Собранието, гласањето ќе се одложи до завршување на локалните избори, најверојатно кон средината на ноември, соопштија од Министерството за финансии.
Од Министерството нагласуваат дека измените нема да имаат негативно влијание врз Буџетот, ниту ќе бараат дополнителни трошоци за спроведување. Сепак, експертите предупредуваат на можни предизвици за поштенските оператори и Царинската управа, кои ќе треба да обработуваат поголем број пратки со ДДВ-обврска, што може да создаде административен притисок.
Со измената на член 27-б од Законот за ДДВ, се додава нова точка (2-а) и се брише старата точка (26-а), со што се укинува можноста за ослободување на пратки до 22 евра од странство.
Најпогодени ќе бидат купувачите кои нарачуваат евтини производи преку Temu, Shein, AliExpress и слични онлајн платформи. Овие пратки досега пристигнуваа без дополнителни давачки, но по усвојувањето на законот ќе мора да минуваат царинска постапка и да се пресметува ДДВ, што ќе ја зголеми нивната конечна цена и би можело да го намали интересот за вакви нарачки.
Новите одредби ќе стапат во сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, по нивното усвојување во Собранието.
 
			