Европскиот парламент денеска ќе гласа за недоверба на Урсула фон дер Лајен

6

Европскиот парламент денеска во Стразбур ќе одлучува на две одделни гласања за недоверба против Европската комисија и нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен. За предлозите да бидат усвоени, потребно е двотретинско мнозинство од најмалку 480 пратеници, објави БНР.

Иницијативите за недоверба ги поднесоа политичките групи „Патриоти за Европа“ и „Левицата“, кои ја обвинуваат Европската комисија за различни пропусти и погрешни политики.

Според „Патриоти за Европа“, фон дер Лајен и нејзината Комисија ја ослабнале Европската унија со „кратковидите трговски договори“ со САД и Меркосур, како и поради недостаток на транспарентност во работењето. Од друга страна, „Левицата“ ја обвинува претседателката на ЕК за поддршка на геноцидот во Газа, одбивање да се прекинат трговските односи со Израел и недонесување ембарго за оружје.

Трите групи кои ги поддржуваат иницијативите – „Патриоти за Европа“, „Левицата“ и „Европа на суверени нации“ – располагаат со вкупно 159 европратеници. Сепак, „Суверенистите“ најавија дека ќе ја поддржат само резолуцијата на „Патриотите“, а ќе се воздржат при гласањето за предлогот на „Левицата“.

Очекувањата се дека четирите големи проевропски групи – Европската народна партија (ЕНП), Социјалистите, либералите од „Обнови ја Европа“ и Зелените/Европската слободна алијанса – ќе застанат зад фон дер Лајен.

Групата на европските конзервативци и реформисти, која брои 79 членови, нема заеднички став, иако дел од пратениците би можеле да гласаат против претседателката на Комисијата.

Дури и во тој случај, гласовите против фон дер Лајен би достигнале најмногу 238, што е значително под потребното двотретинско мнозинство за нејзино отстранување од функцијата.

Makedonski