Фон дер Лајен по гласањето за доверба тргнува на турнеја низ Западен Балкан
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, доколку ги преживее двете гласања за недоверба што ќе се одржат во четврток, од недела треба да започне турнеја низ шесте земји од Западен Балкан.
Турнејата е планирано да започне на 13 октомври, а на 15 октомври (идната среда) Фон дер Лајен ќе ја посети Скопје и Приштина. Посетата има за цел повторно потврдување на европската перспектива на регионот и продлабочување на дијалогот со земјите кандидати за членство.
Според европски дипломатски извори, нејзините планови за турнеја довеле до одложување на годишниот извештај на Европската комисија, кој традиционално се објавува во октомври. Објавувањето на документот е поместено за почетокот на ноември, со цел посетата да биде претставена како позитивен и успешен дипломатски потег.
Неофицијално, се смета дека овој пристап има за цел да ја подобри перцепцијата на Брисел во регионот, иако извештаите на Комисијата не се очекува да донесат особено позитивни оценки за напредокот на земјите од Западен Балкан.
Расправата за двата предлога за недоверба на Европската комисија започна денеска попладнево во Европскиот парламент. Први се обрати Жордан Бардела, претседателот на групата Патриоти за Европа (Национален собир – Франција), кој ја критикуваше Фон дер Лајен за нејзината трговска политика, особено за договорите на ЕУ со Меркосур и САД.
По него, збор зеде Манон Обри од Левицата, која покрај трговските критики ја обвини претседателката на Комисијата за „соучество во геноцид“ во Газа, повикувајќи се на нејзините претходни изјави.
Паралелно со најавената турнеја на Фон дер Лајен, австриската министерка за европски прашања, Клаудија Плаколм, започна слична посета на шест земји од регионот во рамки на иницијативата за проширена европска интеграција.
Денеска во Скопје, Плаколм изјави дека Австрија и Словенија имаат заеднички предлог за укинување на едногласноста во меѓучекорите на преговорите за членство во ЕУ, со што едногласното гласање би се задржало само за почетокот и крајот на процесот.
Со неа на турнејата патува и државната секретарка за европски прашања на Словенија, Нева Грашич, која потврди дека иницијативата веќе е доставена до Европската комисија.