Фон дер Лајен: Европа мора да остане обединета во време на глобални закани

4

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Европскиот парламент ја повика Европа да се обедини во услови на глобална нестабилност и растечки закани за демократијата. Таа порача дека единството е клучно за економската, безбедносната и општествената стабилност на Унијата.

„Светот е во хаотичен и заканувачки пејзаж. Европските граѓани очекуваат од нас да испорачаме резултати, да ја заштитиме демократијата, индустријата и општествениот модел“, изјави Фон дер Лајен, предупредувајќи дека противниците на ЕУ се обидуваат да создадат поделби и да ја ослабат европската солидарност.

Таа нагласи дека руската пропаганда и дезинформациите во Европа се насочени кон нарушување на единството меѓу земјите-членки, и потсети дека Унијата мора да реагира заеднички на клучните предизвици – од одбранбената подготвеност, преку економската конкурентност, до заштитата на демократијата.

„Нашата порака е јасна: Европа стои заедно и заедно испорачува. Ова е момент кога сите ние мораме да преземеме одговорност“, рече таа.

Фон дер Лајен ги посочи Украина, конфликтот во Газа, односите со САД, економската безбедност, трошоците за живот, климатските промени и безбедноста на храната како приоритетни теми на кои Комисијата ќе продолжи да работи во координација со Европскиот парламент.

Обраќањето доаѓа во време кога неколку европски политички групи, меѓу кои „Патриоти за Европа“ и Левицата, поднесоа иницијативи за недоверба на Европската комисија, критикувајќи дел од нејзините политики и начинот на управување со Унијата.

Makedonski