Медведев: Глупавите Европејци треперат од страв, очекувајќи го својот болен крај
Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, објави долга порака на Telegram во која зборува за, како што ја нарече, „епидемија на неидентификувани дронови“ во Европа.
Медведев тврди дека беспилотните летала „летаат насекаде – во близина на воени бази, аеродроми и над градови“, но дека сè уште „не е јасно чии се“.
Во објавата, тој наведе пет можни објаснувања за потеклото на дроновите:
-
Провокации од „украински нацисти“ со цел зголемување на испораките на оружје и предизвикување војна;
-
Активности на проруски подземни групи во земјите на ЕУ;
-
Тестирање на системите за воздушна одбрана од страна на локалните разузнавачки служби;
-
„Лудории“ на локални жители;
-
Директни лансирања од Русија.
За секоја од овие верзии, Медведев даде свој коментар. Првата, вели тој, е „најверојатна“, бидејќи, според него, украински групи би можеле да ги користат леталата за политички провокации. Втората ја смета за „сомнителна“, додавајќи дека „руските агенти и кртови чекаат посебна наредба“.
Третото објаснување го оцени како „функционално“, бидејќи државите, според него, треба да ги тестираат своите одбранбени капацитети. Во однос на четвртата можност, тој иронично забележа дека „локалните мрзливци можеби се забавуваат со дронови“. За петтата причина, тој упати на претходни изјави на рускиот претседател Владимир Путин.
„Без разлика на вистинската причина, важно е што Европејците конечно ја чувствуваат опасноста од војна на своја кожа“, напиша Медведев, додавајќи со остар тон дека „глупавите Европејци треперат од страв, очекувајќи го својот болен крај“.
Изјавата на Медведев следи по серија извештаи за беспилотни летала забележани во близина на воени бази и аеродроми во неколку европски земји. Данска и Германија веќе обвинија дека дел од леталата потекнуваат од Русија.
Медведев, кој во последните години важи за еден од најрадикалните гласови на Кремљ, моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација, тело со кое претседава Владимир Путин.