Фетаи: Не бараме освета, бараме правда што ќе спречи идни трагедии

11

Преку барањето за повисока казна не се бара освета, туку правда што ќе спречи идни трагедии и ќе испрати јасна порака дека човечкиот живот е неприкосновен, изјави јавната обвинителка Фатиме Фетаи по денешната јавна седница пред Апелациониот суд во Скопје.

Фетаи информираше дека ставот на Вишото јавно обвинителство е жалбата на обвинителството да биде прифатена, а жалбата на одбраната одбиена како неоснована.

„Првостепената пресуда, со која обвинетиот Васил Јованов е огласен за виновен, треба да биде преиначена, така што тој ќе биде осуден на повисока казна затвор. Максималната казна за ова кривично дело изнесува 20 години“, рече Фетаи.

Според неа, иако ова е највисоката казна изречена досега за ваков вид кривични дела, секој случај треба да се оценува поединечно.

„Судската пракса не е формален извор на правото. Секој предмет е посебен и бара да се ценат сите околности поврзани со делото и со сторителот. Сите елементи упатуваат дека постои неопходност од изрекување повисока казна затвор“, додаде Фетаи.

Таа истакна дека казната не треба да се сфаќа како бројка, туку како став – одраз на вредностите што општеството ги штити.

Makedonski