ЕУ размислува за промена на правилата: квалификувано мнозинство наместо едногласност во пристапниот процес

10

Во Европската комисија веќе се разгледува предлог за промена на начинот на донесување одлуки во процесот на пристапување на земјите кандидатки за членство во Европската Унија. Иницијативата, која ја поддржуваат Словенија, Германија, Австрија и Италија, има за цел да го поедностави и забрза процесот на проширување, а досега ја поддржале 16 земји членки.

Новата идеја предвидува квалификувано мнозинство при одлучување за техничките прашања во преговорите, наместо досегашното барање за едногласна поддршка од сите земји членки. Целта е да се избегнат билатералните блокади што со години го кочат пристапниот пат на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија.

На денешната заедничка прес-конференција во Скопје, австриската министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка за европски прашања Нева Грашич, во присуство на македонскиот министер за европски прашања Орхан Муртезани, порачаа дека ваквата промена ќе значи поефикасен, поправеден и посигурен процес на проширување.

„Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ, со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат… Се разбира, за крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност“, изјави Плаколм.

Таа додаде дека за големите прашања, како надворешната и безбедносната политика, мора да се зборува „во еден глас“, но нагласи дека во пристапните разговори не смее да има кочење поради билатерални и внатрешно-политички прашања.

Словенечката претставничка Грашич истакна дека Словенија инсистира Македонија што поскоро да стане членка на ЕУ, додавајќи дека целта е тоа да се случи до 2030 година. Таа ја потврди и поддршката на нејзината земја за воведување квалификувано мнозинство при техничките одлуки, нарекувајќи го тоа „конкретен придонес кон европското обединување“.

Министерот Муртезани нагласи дека и Македонија ја поддржува потребата од реформирање на методологијата на проширување, бидејќи, како што рече, сегашниот модел остава простор за злоупотреба на билатерални процеси.

Двете европски претставнички изразија поддршка за продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада најавува дека ќе се интензивира по изборите, потенцирајќи дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за заедничката европска иднина.

„Билатералните прашања треба да се решаваат билатерално, а кога станува збор за проширувањето – членките треба да зборуваат во еден глас“, порача Плаколм.

Министерот Муртезани потврди дека Владата останува решена да продолжи со реформите и со активен придонес кон стабилноста и единството на ЕУ, додавајќи дека по изборите ќе се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.

Makedonski