Советничката Марија Симоноска со јавна благодарност и критички осврт на завршениот мандат во Советот на Општина Прилеп

215

Советничката во заминување, Марија Симоноска, јавно им се заблагодари на граѓаните на Прилеп, колегите советници и сите што ја поддржувале во текот на нејзиниот мандат во Советот на Општина Прилеп. Во своето обраќање, Симоноска истакна дека ја цени довербата што ѝ била укажана, потенцирајќи дека своето знаење, искуство и идеи ги насочила кон создавање „посветол и подобар Прилеп за сите“.

 

„Драги мои,
Јавно изразувам благодарност на сите оние коишто ме контактирате изминативе денови со голема почит, поддршка и благодарност за моето дејствување во изминатиот мандат како советничка во Совет на Општина Прилеп.
Со голема почит јавно им изразувам благодарност на сите оние коишто ме поддржуваа како член на Совет во Општина Прилеп. На сите оние коишто ми ја доверија таа доверба да бидам претставник во Советот и сето мое знаење, искуство, идеи и решенија да ги предлагам со цел подобар и посветол Прилеп за сите нас.
Им благодарам на колегите за соработката и поддршката на сите мои дадени идеи, амандмани и решенија.
Им благодарам и на оние колеги коишто не ги подржуваа – така научив дека не ги учиме грешките од оние пред нас, а се надевав дека ќе оставиме белег за промени за тие после нас. Тоа беше најголемото ветување пред добивање на локална власт Прилеп да биде посветол за изминатиот мандат.
Прилеп стагнираше и назадуваше. Без директно соочување со проблемите во сите области, претпријатија и установи нема да има напредок и развој.
Како советничка бев секогаш до нашите прилепчани и како советник секогаш им бев достапна за сите проблеми. Им благодарам за довербата во мене, а како човек секогаш сум била тука и тука ќе бидам каде може да дадам помош и поддршка за напредок, развој и секој проблем на секој човек.
Како советничка давав предлози, амандмани и повикував на заеднички решенија во сите области и сектори од кои најважните беа:
  • поддршка за занаетчиите и жените земјоделки,

  • уредување на речното корито кај Чачорица,

  • реконструкција на улицата „Цар Самоил“,

  • збогатување на културната програма со настанот „Зборот на Конески“,

  • иницијатива за реставрација на куќата на Стале Попов во село Мелница – Мариово,

  • како и мерки за подобрување на сообраќајната култура, еднонасочни улици и регулирано паркирање.

Дадов предлог за побрзо решавање на проблемите во сообраќајот, носење итни одлуки за дисциплинирање на сите нас во врска со сообраќајната некултура како и носење одлуки за еднонасочни улици и паркирање возила само на една страна на улиците каде што за тоа има можност низ населбите Тризла, Рид каде има паралелна поврзаност на улиците.
Активно учествував во Комисија за родова еднаквост во која имав дадено предлози за годишна програма во која секоја година требаше да се реализираат едукативни содржини за здравјето на младите, жените, мажите.
Кетеринг претставувања на сите бизнис учесници од Прилеп, како и уметниците од културата и уметноста и сите занаетчии и земјоделски производители од Општина Прилеп, како и едукација на младите за сообраќајна култура.
Како советничка поставував и советнички прашања, а тоа беа прашања и на сите граѓани, но до денес одговор не добив. Зошто? Одговорот е јасен, бидејќи градоначалникот немаше одговор за тоа: Која е неговата стратегијата за Прилеп? Која е неговата визија за Прилеп? Зошто Прилеп беше во ноќна темнина? Стратегија за јавни претпријатија за подобро финансиско работење, како и анализи за истите нема.
Почитувани мои прилепчани, мои поддржувачи, сите оние коишто ме почитувате, а и не ме почитувате, моите идеи, мојот ентузијазам за посветол Прилеп нема да згасне. И понатаму ќе продолжам да дејствувам преку препознавање на реалните проблеми со решенија и предлози. Зашто Прилеп заслужува култура во сите сфери, Прилеп заслужува дисциплина.
Прилеп заслужува добри манири
Прилеп го градиме ние
Прилепчани е Прилеп – Прилеп е прилепчани
Ние го градиме системот на Прилеп
Прилеп заслужува навистина добра стратегија
Голема благодарност за поддршката на моите сопартици, за довербата, особена благодарност до генералниот секретар Љупчо Балкоски и претседателот на ВМРО-Народна партија г-дин Љубчо Георгиевски.
На кандидатите за престојните избори им посакувам фер и демократски избори.
Нека новиот состав биде вистински состав што ќе донесе светлина на Прилеп со вистинско прифаќање на проблемите и прифаќање и поддршка на сите предлози што ќе значат за светол Прилеп, бидејќи тоа е повеќе од потребно.
Со почит,
Марија Симоноска.
Makedonski