Андреј Бабиш или „чешкиот Трамп“ победи на парламентарните избори во Чешка

8

Партијата АНО на популистичкиот милијардер Андреј Бабиш, познат како „чешкиот Трамп“, убедливо води на парламентарните избори во Чешка со 34,66 проценти од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати по преброени 99,7 проценти од избирачките места.

Победата на Бабиш најавува можен пресврт во односите со Украина и Европската Унија, бидејќи тој отворено се залага за намалување на воената помош за Киев и за посамостојна чешка политика во рамки на ЕУ. И покрај тоа, аналитичарите оценуваат дека не се очекуваат драстични промени, бидејќи Бабиш е „прагматичен политичар и бизнисмен“ кој пред сè ќе се фокусира на задржување на власта.

Со освоени околу 35 проценти од гласовите, партијата АНО може да смета на околу 80 пратенички места во долниот дом од вкупно 200, што не е доволно за формирање мнозинство. На второ место е централно-десничарската коалиција СПОЛУ со 23,28 проценти, односно 52 пратеници, а во парламентот ќе влезат уште СТАН, Пиратите, СПД и коалицијата Мотористе. Левичарскиот блок Стачило! остана под изборниот праг.

Бабиш, кој веќе беше премиер од 2017 до 2021 година, изјави дека целта му е да формира еднопартиска влада, но изборните резултати го принудуваат да бара коалициски партнери.

Минатата година тој и унгарскиот премиер Виктор Орбан го формираа новиот европски сојуз „Патриоти за Европа“, што означи отстапување од либералната група Обнови Европа, на која Бабиш претходно ѝ припаѓаше.

Бабиш се противи на политиките на ЕУ за миграцијата и климатските промени, барајќи поголем национален суверенитет, иако тврди дека не е проруско ориентиран. Тој, меѓу другото, ја критикуваше чешката иницијатива за набавка на артилериски гранати за Украина и одби целосно да ја поддржи заложбата на НАТО за зголемување на буџетот за одбрана.

Контроверзниот милијардер, кој бил член на Комунистичката партија пред „Кадифената револуција“ во 1989 година, и понатаму се соочува со обвиненија за измама поврзани со субвенции од ЕУ.

Изборите беа одбележани со висока излезност од речиси 70 проценти, значително повеќе од 65,4 проценти во 2021 година.

Досегашниот премиер, Петр Фиала од Граѓанската демократска партија (ODS), која е дел од коалицијата СПОЛУ, сè уште не се има изјаснето за можните постизборни сценарија.

Makedonski