„Марш за ангелите“ во Кочани: Родителите на жртвите повторно бараат правда

5

И оваа сабота, родителите и блиските на жртвите од пожарот во кочанската дискотека Пулс повторно излегоа на улиците на Кочани, на 25-тиот по ред „Марш за ангелите“, барајќи правда за своите најблиски кои трагично ги загубија животите. Овој протест е прв по одлуката на Кривичниот суд целосно да го прифати обвинението за несреќата.

Од протестот беа упатени остри пораки до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и до највисоките институции во државата, со барање за целосно презентирање на доказите, проширување на обвинението кон сите вмешани и преиспитување на мерките за домашен притвор кон дел од осомничените.

„На средбата во јуни имавме надеж дека ќе ја видиме правдата, но со поднесениот обвинителен акт таа надеж целосно ја изгубивме. Наместо вистина и целосна одговорност, гледаме пропусти и прикривања,“ порачаа родителите на загинатите.

Тие истакнаа дека биле приморани сами да го анализираат обвинителниот акт, посочувајќи на бројни неправилности во него, што според нив е доказ дека правдата е на страната на виновниците, а не на жртвите.

„Поразително е што дел од осомничените се движат слободно низ градот. Тие си ја купија слободата со пари, додека ние сме осудени на доживотна болка,“ се наведува во пораката прочитана пред Судот во Кочани.

Присутните побараа од обвинителот Коцевски да обезбеди еднаков третман за сите пред законот и го обвинија за недоследност и можен политички притисок.

„Свесни сме дека постојат уште докази против други лица, кои намерно не се презентираат. Со тоа не само што се нарушува правдата, туку се прикрива вистината,“ порачаа тие, додавајќи дека „вистината, колку и да се крие, ќе излезе на виделина.“

Учесниците на „Маршот за ангелите“ уште еднаш повикаа на јавна одговорност, потполна транспарентност на доказите и реакција од институциите за да, како што рекоа, „правдата конечно биде достапна и за жртвите, а не само за моќните.“

Makedonski