Штрајк на контролорите на летање – македонскиот воздушен простор ќе биде затворен на 20 и 24 октомври

12

Македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за авионски сообраќај на 20 и 24 октомври, поради најавениот штрајк на контролорите на летање, дознава 24Инфо од извори во М-НАВ.

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) повторно ја активираше одлуката за штрајк, тврдејќи дека менаџментот на М-НАВ не ги исполнил претходно дадените ветувања. Од синдикатот посочуваат дека состојбата во претпријатието е „загрижувачка“, а клучните кадровски решенија се блокирани и одложувани.

„20 октомври го избравме намерно, по завршувањето на локалните избори, за да не му дадеме можност на раководството на М-НАВ да го прикаже штрајкот како политички мотивиран“, изјавиле од ССКЛМ за 24Инфо.

Контролорите ги повторуваат своите главни барања:

  • запирање на партиските вработувања во М-НАВ,

  • одобрување од Министерството за финансии за нови вработувања – особено на контролори и инженери,

  • распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција која ќе изготви функционална анализа на потребите на претпријатието.

Иако штрајкот првично беше закажан за 10 јули, тогаш беше одложен поради „одредени позитивни чекори“ од страна на менаџментот. Сепак, поради застој во реализацијата на барањата, контролорите повторно се решија на протест.

Доколку не се постигне договор, синдикатот најавува дека штрајкот ќе продолжи секоја прва и четврта недела во месецот – односно секој понеделник и четврток, сè додека не бидат исполнети барањата.

Од ССКЛМ дополнително предупредуваат на, како што велат, притисоци врз вработените за спречување на нивното учество во синдикалните активности.

„Нашата цел не е блокирање на системот, туку воспоставување професионален и одржлив начин на функционирање во М-НАВ, каде што ќе се вработува стручен кадар, а не по партиска линија“, порачуваат од синдикатот.

Makedonski