Приватните превозници предупредуваат: ако не се исплати долгот, автобусите ќе сообраќаат само до 10 часот
До понеделник, 6 октомври, доколку Град Скопје не го исплати долгот кон приватните превозници, автобуските линии што ги покриваат „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ ќе бидат намалени за 70 проценти. Компаниите бараат целосна исплата на преостанатите 80 милиони денари од вкупниот долг од 170 милиони, бидејќи досега им се исплатени само 90 милиони.
„Во јуни долгот изнесуваше 45 милиони денари, а сега е 70 милиони само за мојот дел. Не можам да ги исплатам луѓето без тие пари. Платете веднаш и нема да има проблем“, изјави Јовица Зафировски, сопственик на „Јофи Бус“.
На прес-конференцијата присуствуваше и директорот на ЈСП-Скопје, Драги Кушовски, кој порача дека исплатите се вршат според финансиските можности на претпријатието. „Не сте коректни, правите политика овде! Откако сум дојден јас, долгот ви се намалува. Имам документи, ќе ви покажам“, рече тој.
Приватните превозници возвратија дека исплатите се минимални и дека долгот реално е многу поголем. Тие потврдија дека вчера им биле исплатени по 300 илјади денари, а претходно по 10 милиони по компанија, но нагласија дека веќе не можат да ги подмират обврските кон бензинските станици и дека извршителите се известени.