МВР: Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се врвен приоритет

7

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека континуирано соработува со здруженија и институции кои работат на заштита на правата на новинарите, нагласувајќи дека слободата на медиумите и безбедноста на медиумските работници претставуваат темел на демократијата.

Како дел од таа соработка, на веб-страницата на МВР е поставен линк до регистарот на напади врз новинари што го води Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Регистарот содржи информации за видот на нападот, местото на настанот, статусот на пријавата и текот на постапката.

Од МВР потсетуваат дека е воспоставена контакт-точка која овозможува побрзо и поефикасно расчистување на ваквите случаи. „Во координација со ЗНМ продолжуваме да работиме на зголемување на безбедноста на новинарите“, се наведува во соопштението.

Во таа насока е и процесот на формирање национален комитет за заштита на новинари, во кој ќе учествуваат владини институции и граѓански организации. Една од главните задачи на комитетот ќе биде изработка на Национален акциски план за заштита на новинарите, како дел од кампањата на Советот на Европа Safety of Journalists.

Министерството потсетува дека прирачникот за безбедност на новинарите, подготвен во соработка со ЗНМ и Обвинителството, веќе се применува и редовно се ажурира.

Од таму апелираат сите новинари да пријават доколку се соочат со закани, физички или вербални напади или друг вид на притисок.

„МВР е обврзано да ги санкционира сторителите и да обезбеди право на јавноста за слободно информирање. Заедно со медиумите и граѓанскиот сектор градиме средина во која новинарите ќе можат безбедно и без страв да ја извршуваат својата професија“, се вели во соопштението.

Makedonski