Октомври почнува со силен студен бран низ Европа
Почетокот на октомври ќе донесе драстично заладување на целиот европски континент. По периодот со потопли воздушни маси, формирањето на антициклон над северна Европа овозможи навлегување на студен воздух од исток, најавуваат метеоролозите од Severe Weather Europe.
Од средината на неделата се очекува првиот голем студен бран за оваа есен, кој ќе ја зафати Централна Европа, Балканот и Медитеранот. Температурите ќе бидат и до 10 степени под сезонскиот просек, со силни врнежи од дожд на западниот Балкан, обилен снег на планините и појава на прв мраз во низините.
Студената воздушна маса ќе достигне врв меѓу четврток и сабота, кога ќе донесе температури за 8–12, а локално и до 15 степени пониски од просечните. Најсилниот удар ќе го почувствуваат Германија, Чешка, Словачка, Полска, Австрија, Унгарија, Романија, Италија, Словенија, Хрватска и земјите од западниот Балкан.
Првиот мраз во низините на Централна Европа се очекува во четврток и петок наутро, а викендот ќе биде особено студен за Балканот. Во региони како Горски Котар температурите ќе се спуштат до -4, додека во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија можно е да паднат и до -6 степени.