Родителите на загинатите во пожарот во Кочани најавуваат радикализација на протестите

7

Институциите во Република Македонија имаат рок до 3 октомври да дадат одговори во врска со трагичниот пожар во дискотеката во Кочани. Доколку тоа не се случи, родителите на загинатите деца најавуваат дека наместо мирни маршеви ќе организираат протести и блокади низ целата земја.

Ова беше пораката од 24-тиот „Марш за ангелите“, кој се одржа денеска во Кочани. Организаторите – здружението „16 март 2025 Кочани“ – потсетија дека маршот е посветен на 62-те млади животи што трагично згаснаа на 16 март годинава.

„Овој марш е симбол на единство, достоинство и глас што бара одговорност. Го посветуваме на ангелите што никогаш нема да бидат заборавени и на борбата за вистината што им ја должиме“, се наведува во соопштението на здружението.

Маршот започна од Паркот на револуцијата, продолжи пред Трговскиот центар и Општина Кочани, со кратка пауза кај Даночната управа и кружниот тек, а потоа колоната се упати кон полициската станица, Основниот суд и Обвинителството. Завршницата повторно беше во Паркот на револуцијата.

Makedonski