Вработените од „Паркови и зеленило“ протестираа поради неисплатени плати

7

Вработените од ЈП „Паркови и зеленило – Скопје“ и поврзаните фирми „Флораком“ и „Луна“ денеска протестираа пред претпријатието, како и пред бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска. Тие бараат исплата на платата за август, регресот и јубилејната награда за 2022 година, како и новогодишните додатоци.

Претседателот на независниот синдикат на државната администрација, Горан Ристески, изјави дека и покрај спогодбата и колективниот договор, обврските не се исполнети.

„Не е исплатена платата за август, ниту регресот и јубилејните награди од 2022 година. Роковите одамна поминаа, а сега постои и опасност од застарување на побарувањата. Дополнително, доколку ситуацијата продолжи, вработените може да останат и без здравствено осигурување“, предупреди Ристески.

Тој додаде дека синдикатот побарал средба со градоначалничката Арсовска, но дека не биле примени, ниту имале контакт со директорот на претпријатието.

„Бараме Град Скопје да обезбеди средства за редовна исплата на плати, додатоци и награди. Доколку до 15-ти во месецот не се исплати платата, ќе продолжиме со протестите и не се исклучуваат порадикални мерки, вклучително и бел штрајк“, најави Ристески.

Претседателот на Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“, Атанас Георгиевски, исто така побара навремена исплата на сите права согласно закон.

„Не не интересираат никакви изговори, бараме да ни се исплатат парите што ни следуваат“, рече Георгиевски.

Синдикатот потсети дека проблеми со финансиите имаат и други јавни претпријатија во Скопје, поради што често се случува застој во основните градски услуги.

Makedonski