Османи со стратегија „Smart Parking“: Чаир пред колапс ако не се реши проблемот со паркирањето
Кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, предупреди дека општината се наоѓа пред „точка на колапс“ поради хаосот со паркирањето, претставувајќи ја својата стратегија „Smart Parking“.
Според него, планот предвидува краткорочни решенија за најкритичните локации, среднорочни инвестиции во нови подземни гаражи со над 2.500 паркинг-места и долгорочна визија преку планот „Чаир 2040“.
„Ќе изградиме 1.000 паркинг-места на булеварот ‘Џон Кенеди’, 500 во Стариот Чаир, како и подземни паркинзи кај ‘Методија Митевски’, Саат Кула, ‘Лирија’ и ‘Скендербег’. Ова не е ветување на хартија, туку конкретни проекти со јасна динамика“, изјави Османи.
Тој најави и формирање општинско претпријатие за паркирање, како и користење јавно-приватни партнерства. Според него, секое маало ќе добие сопствени паркинг-зони, исклучиво за жителите, без нарушување на зеленилото и јавните простори.
„Чаир денес е општина на автомобили, без слободен тротоар и со нарушен квалитет на живот. Ако не реагираме, следува целосен колапс. Но јас велам – ова ќе го промениме“, порача Османи, додавајќи дека „Smart Parking“ е дел од поширока визија за модерна и уредена општина.
 
			