ЦУК: 29 пожари за едно деноноќие, три сè уште активни

5

Во изминатите 24 часа, до 7 часот утрово, на територијата на државата биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворено, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од нив, три пожари сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 23 се изгаснати.

Активни пожари има на планината Кожуф во Општина Гевгелија, каде што гори букова шума, потоа над селото Бенче во Општина Македонски Брод, на Добра Вода, каде што се зафатени дабова шума и папрат, како и во селото Малино, Општина Чучер Сандево, каде што гори мешана шума.

Под контрола се пожарите кај селото Виниче во Општина Гази Баба, во атарот на Батинци во Општина Студеничани, како и на градската депонија „Острец“ во Делчево.

Во текот на вчерашниот ден и ноќеска, екипите успеале да изгаснат 23 пожари низ повеќе општини, најчесто зафаќајќи ниска вегетација, стрништа и диви депонии.

Makedonski