МВР: 644 сообраќајни прекршоци за еден ден, пет возачи лишени од слобода

4

Вкупно 644 сообраќајни прекршоци биле регистрирани вчера (23 септември 2025) во рамки на засилените контроли на полицијата низ целата држава, информира Министерството за внатрешни работи.

Најмногу прекршоци се однесуваат на непрописно паркирање – 183, како и возење со брзина поголема од дозволената – 158. Казнети биле и 82 возачи без возачка дозвола, 33 за користење мобилен телефон, 37 за неносење сигурносен појас и 27 возачи на мотоцикли без заштитен шлем.

Полицијата санкционирала и двајца возачи на електрични тротинети, петмина кои поминале на црвено светло и 10 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол.

Од МВР соопштија дека вчера биле лишени од слобода пет возачи со над 1,5 промили алкохол во крвта, против кои ќе следуваат кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување моторно возило“.

Дополнително, од сообраќај биле исклучени 16 возила без важечка сообраќајна дозвола и четири возила поради техничка неисправност.

Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата со цел побезбедни патишта.

Makedonski