Алармантна состојба во Зоолошката градина – утврдена туберкулоза кај повеќе животни

5

Во скопската Зоолошка градина е присутна туберкулоза, болест која веќе одзеде животи на повеќе животни, тврди Стефан Кирков, советник во Град Скопје.

„Неодамна починаа ламите кај кои беше утврдено присуство на туберкулоза, а пред неколку дена и младо мајмунче од видот гибон. Денеска, за жал, добивме и официјална потврда дека и европскиот бизон починал од истата болест – ноазен тип на туберкулоза, кој е пренослив меѓу животни, но и меѓу луѓе“, изјави Кирков.

Според него, резултатите се добиени од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Зоолошката е контаминирано подрачје, а состојбата е повеќе од алармантна. Вработените се оставени сами на себе, подложени се на мобинг за да молчат, додека стотици посетители дневно се движат низ истите живеалишта каде што угинаа животните“, предупредува Кирков.

Тој додава дека менаџментот на ЗОО Скопје молчи и не презема мерки, со што се загрозува безбедноста на вработените, посетителите и животните. Кирков апелира државните институции веднаш да спроведат вонреден инспекциски надзор, да извршат целосни проверки на сите животни и живеалишта и, доколку е потребно, да ја затворат установата додека не се процени дека е безбедна.

Советничката група на ВМРО–ДПМНЕ најавува кривични пријави против раководството на градината – Попов и Стаменов – за, како што велат, пропустите и смртта на голем број животни.

„Во последниве три години починаа над 50 животни – од пневмонија, труење, бактериски инфекции, салмонела и други причини – без никој да сноси одговорност“, вели Кирков, нагласувајќи дека сите податоци ќе бидат презентирани во правна постапка.

Makedonski