ОЈО Тетово наложи обдукција за смртта на 7-годишно девојче од Челопек

4

Основното јавно обвинителство во Тетово издаде усна, а потоа и писмена наредба за обдукција на седумгодишно девојче од селото Челопек, кое почина по третман во Клиничката болница во Тетово. Целта е да се утврдат точните причини за смртта.

Девојчето било примено на педијатриското одделение на 20 септември во 20:40 часот. Директорот на болницата, Ерзен Елези, изјави дека состојбата била стабилна до следниот ден, но поради потешкотии при голтањето и консултација со дежурен ОРЛ-лекар, пациентката била префрлена во реанимација, каде што починала.

Елези нагласи дека ова е втор случај на пациенти примени во болницата по претходна нелегална терапија дадена од матичен лекар без медицинска документација. Тој апелираше до надлежните институции – Инспекторатот за труд, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување – да преземат мерки против ваквата пракса.

Иако обвинителството наложи обдукција, семејството на девојчето не дозволи истата да се изврши. Засега останува неизвесно дали наредбата ќе биде спроведена или случајот ќе се ограничи на дисциплинска постапка од болницата и Министерството за здравство.

Makedonski