Златото со нов рекорд, среброто на највисоко ниво во девет години
Златото повторно е во фокусот на глобалните финансиски пазари, достигнувајќи историски максимум од 3.719,95 долари за унца и надминувајќи го минатонеделниот рекорд. Растот е поттикнат од очекувањата дека Федералните резерви ќе продолжат со олабавување на каматната политика по последното намалување на стапките.
Среброто, истовремено, скокна на 43,77 долари за унца – највисоко ниво во повеќе од девет години – со рекордно висока трговска активност кај IShares Silver Trust. Подем бележат и платината и паладиумот, со што скапоцените метали повторно стануваат примарно засолниште за инвеститорите во услови на пониски каматни стапки и растечки геополитички тензии.
„Техничките показатели се извонредно силни, а изгледите за нови намалувања на каматните стапки се сè поголеми“, изјави Сони Кумари од ANZ Group Holdings, нагласувајќи дека златото и среброто ги пробија психолошките бариери од 3.708 и 43 долари.
И додека благородните метали бележат рекорди, бакарот расте од сосема други причини. Цената на Лондонската берза за метали достигна 9.996,5 долари за тон, поттикната од намалена понуда и стабилна кинеска побарувачка, особено по застојот во рудникот Ел Тениенте во Чиле.
Светските инвеститори сега со нетрпение ги очекуваат новите податоци за инфлацијата во САД и следните потези на Федералните резерви, додека металите веќе ја диктираат економската динамика на глобално ниво.