Седумгодишно девојче од тетовското село Челопек почина за време на болничко лекување во Клиничката болница во Тетово
Седумгодишно девојче од тетовското село Челопек почина за време на болничко лекување во Клиничката болница во Тетово, информираат од установата. Детето било примено на Одделението за педијатрија во саботата околу 20:40 часот, а починало следниот ден.
Од болницата велат дека веднаш по приемот биле преземени сите неопходни медицински мерки согласно протоколите, вклучително и интензивна рехидратација. Побарана била и интервенција од специјалист по ОРЛ за аспирација на секрети од усната шуплина, но за време на постапката девојчето не реагирало.
„Пациентката беше итно префрлена на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега, каде што беа направени сите напори за реанимација. За жал, истите останаа безуспешни“, соопштија од Клиничката болница.
Со цел целосно разјаснување на причините за смртта, болницата побарала извршување на судско-медицинска обдукција.