Франција не е непријател на Израел — советникот на Макрон за Блискиот Исток за признавањето на Палестина
Во интервју за „Еурактив“, Офер Бронхтејн, специјален советник за Блискиот Исток на францускиот претседател Емануел Макрон, рече дека Париз не гледа на себе како непријател на Израел и дека признавањето на палестинска држава би ја зајакнало безбедноста на Израел. Бронхтејн, кој го советува Макрон за ова прашање уште од 2020 година, смета дека ваквиот потег би предизвикал „мало дипломатско цунами“ и би охрабрил и други земји да го следат примерот.
Тој изјави дека признавањето би ја намалило изолацијата на Израел — што, според него, не е во интерес ниту на израелските граѓани ниту на Евреите низ светот. Бронхтејн тврди дека ако постоела палестинска држава пред 7 октомври, нападите на Хамас врз Израел можеби немало да се случат, бидејќи државниот суверенитет носи и одговорност за безбедноста на граѓаните.
Критичарите во Израел, меѓутоа, велат дека неодамнешната изјава на Макрон го охрабриле Хамас и го ослабиле напорот за ослободување на преостанатите заложници. Бронхтејн признава дека предлогот се прима лошо во Израел — дека комуникациската машина на премиерот Бенјамин Нетанјаху ја демонизира идејата и ја поврзува со ризик од зголемување на антисемитизмот или со „награда“ за Хамас. Како пример, Бронхтејн рече дека лично добил закани по живот.
Бронхтејн е поранешен советник на поранешниот израелски премиер Јицак Рабин во мировните преговори во Осло и основач на Меѓународниот форум за мир, организација што промовира поблиски односи меѓу Израелците и Палестинците. Тој посочи дека Франција, како голема сила и членка на Советот за безбедност на ОН и на Г7, може да создаде значителен дипломатски импулс — кој би бил следен и од други важни партнери како Обединетото Кралство, Канада и Австралија.
На прашањето зошто Макрон одлучил да го признае сега, Бронхтејн нагласи дека Макрон отсекогаш поддржувал решението со две држави и дека, иако признанието требало да дојде порано, „подобро доцна отколку никогаш“. Тој изрази надеж дека признанието ќе помогне во прекинување на војната и ќе спречи понатамошна ескалација и меѓународни санкции, но и додаде дека крајот на конфликтот ќе зависи од однесувањето на израелската влада.
(Извор: Еурактив)