Протест во Аеродром: Жителите бараат 24-часовно обезбедување и видео надзор на Вардариште
Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ денеска одржа протест со нови барања до институциите – поставување видео надзор и обезбедување 24-часовно физичко присуство на депонијата Вардариште.
„Нема да се откажеме од нашето основно право на чист воздух, и покрај игнорантскиот однос на институциите,“ порачаа организаторите, најавувајќи дека протестите ќе продолжат секој ден од 18 часот сè додека не започнат конкретни акции за контрола и расчистување на дивите депонии.
Жителите на Аеродром и околните населби реагираат по низа пожари што со денови го загадуваа воздухот – прво на Вардариште, потоа на Дрисла и неодамнешниот во погонот за електронски отпад во Трубарево.
Иако властите презедоа делумни мерки, како привремено обезбедување на Вардариште и зголемена контрола на Дрисла, граѓаните бараат поефикасни и трајни решенија, и тоа пред избори.
На протестите секојдневно се собираат возрасни, млади и деца, испраќајќи јасна порака: „Заслужуваме чист воздух!“