Во Чаир ќе се гради нова пожарникарска станица
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денес го претстави проектот за изградба на Територијална противпожарна станица во Општина Чаир. Според најавите, новиот објект со површина од 750 квадратни метри ќе биде опремен со три современи противпожарни возила и тим од 12 професионални пожарникари.
„Ова е проект што произлегува од потребата за поголема безбедност, побрза реакција и поефикасни услуги за граѓаните. Чаир заслужува модерна инфраструктура и силна институционална поддршка,“ изјави Меџити.
Тој упати благодарност до Доброволната противпожарна организација „Бајрам Мифтари“ за нивниот придонес и долгорочна посветеност, оценувајќи дека се пример за солидарност и хуманост.
Меџити додаде дека со заеднички напори на граѓаните, институциите и партнерите, проектот ќе стане реалност, придонесувајќи за повеќе спасени животи, намалени штети и поголема безбедност за сите.