Индекс на активна транспарентност: Министрствата со пад, општините на исто ниво

7

Просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините во 2025 година изнесува 80 проценти, што е идентично со резултатот од минатата година, покажува годишното рангирање на Центарот за граѓански комуникации. Во анализата се опфатени вкупно 102 институции – Владата, сите министерства и општините.

Според извештајот, транспарентноста кај министерствата и Владата бележи пад и годинава изнесува 84 проценти (наспроти 86 проценти лани), додека општините го задржале минатогодишното ниво од 79 проценти. Дури 44 проценти од институциите ја намалиле својата транспарентност, за разлика од минатата година кога тоа го направиле 19 проценти.

Министерството за одбрана и годинава го задржа максималниот резултат од 100 проценти, што е петта година по ред, а со ист резултат се појавува и новоформираното Министерство за дигитална трансформација. Кај општините, за разлика од лани кога пет општини беа први со 100 проценти, оваа година тоа ниво го постигнале само Кавадарци и Кичево.

По региони, најтранспарентен третпат по ред е Источниот Регион со 88 проценти, додека најслабо рангиран е Полошкиот Регион со 71 процент, што е пад во споредба со 73 проценти лани.

И министерствата и општините најмалку информации објавуваат за финансиите – 58 и 59 проценти од можни 100. Сериозен пад е забележан и во одговорите по барањата за слободен пристап до информации. Општините одговарале во просек за 21 ден (наспроти 15 лани), а министерствата за 23 дена (наспроти 14). Законскиот рок е 20 дена, а оваа година само 54 проценти од институциите одговориле навреме, во споредба со 71 процент лани.

Makedonski