СДСМ: Мицкоски да одговара за ширење страв и паника
По изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ дека нема докази за постоење домашни или странски центри на моќ поврзани со пожарот во Трубарево, опозицијата побара премиерот Христијан Мицкоски да понесе одговорност за, како што велат, „ширење страв и паника во јавноста“.
Од опозицијата потсетуваат дека изјавата на Тошковски претставува директен демант на тврдењата на Мицкоски, кој претходно говореше за можни центри на моќ зад пожарите. Според нив, премиерот со тоа ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба за политички цели.
„Признанието на Тошковски е доказ дека Мицкоски без факти ја вознемирува јавноста и го користи стравот на граѓаните за да го заштити сопствениот рејтинг,“ велат од опозициските редови.
Тие додаваат дека, со такви изјави, владата и премиерот претставуваат ризик за граѓаните, институциите и државата во целина.