Тројно убиство во Велес: Починати жена, нејзиниот татко и поранешниот партнер
Крвава трагедија се случи денеска во Велес, каде што 31-годишна жена и нејзиниот татко беа убиени со остар предмет, а осомничениот напаѓач, нејзиниот поранешен партнер, си го одзел животот.
Според полицијата, околу 15:30 часот на улицата „Кочо Рацин“ било пријавено дека е пронајдено женско лице со убодни рани. Станува збор за Р.К. (31) од Велес, која била пренесена во болницата, но лекарите констатирале смрт. Во домот на нејзиниот татко, кој се наоѓа на иста улица, бил пронајден мртов и К.К. (68), исто така со повреди од остар предмет.
Во истиот дом бил пронајден и И.С. (39) од Скопје, за кого постои сомневање дека е напаѓачот. Тој исто така имал тешки повреди од остар предмет и бил пренесен во болница, каде што било утврдено дека е починат.
Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Велес извршија увид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Од Општата болница во Велес за „Дума.мк“ изјавија дека попладнево биле донесени две лица со тешки повреди, но кај двата случаи лекарите констатирале смрт, и покрај обидите за реанимација кај жената.
Неофицијално, жртвата претходно неколку пати го пријавувала осомничениот во полиција поради закани по нејзиниот и животот на нејзиниот татко. Исто така, имало и инцидент во кој било запалено нејзиното возило.