Започна процес за институционална заштита на македонскиот рубин

9

По иницијатива на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, започна институционален процес за заштита на македонскиот рубин – редок геолошки минерал што се вади единствено во Прилеп и Мариово и претставува единствениот природен рубин во Европа кој локално се обработува.

На состанокот со претставници од Министерството, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа договорени конкретни чекори за обезбедување официјален статус на рубинот како заштитено национално минерално наследство. Геолошкиот завод ги презентираше досегашните анализи за правната заштита, а беше истакната и потребата од поширока институционална соработка.

На средбата учествуваше и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој ја истакна неговата историска и културна вредност.

„Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на процес за заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство,“ изјави министерката Божиновска.

Рубинот од Прилеп и Мариово е геолошки уникат – корунд со карактеристична малиново-розева боја што настанува поради хром во неговата кристална структура. Освен својата естетска и колекционерска вредност, тој се смета и за дел од културното наследство на земјата и симбол на националната гордост.

Makedonski