УСС-УКИМ: Лоша организација при вселување во студентските домови

7

Универзитетското студентско собрание на УКИМ изрази загриженост поради слабата организација и неповолните услови во процесот на вселување во студентските домови.

Најголеми проблеми биле забележани во домовите „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“, каде што дел од студентите чекале и повеќе од 12 часа од поднесувањето документи до сместување во соба.

„Студентите заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на престојот во домовите,“ порачуваат од УСС-УКИМ.

Собранието бара отворање на повеќе пултови за прием на документи, поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и почетокот на вселувањето, како и присуство на Министерството за образование и наука на лице место за да се обезбеди правилна распределба на собите.

Меѓу предлозите е и целосна дигитализација на процесот, со што, како што наведуваат, би се намалиле долгите редици и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.

Како поддршка, УСС-УКИМ најавува дека може да ангажира студенти кои би помогнале во организацијата, а апелира и за институционална соработка со факултетите со цел стручна поддршка при дигитализацијата на системот.

Makedonski