ЈО: Во пожарот во Трубарево не е откриена радијација, контаминацијата е хемиска

8

Јавното обвинителство соопшти дека по големиот пожар во магацините за рециклирање отпад во селото Трубарево не е детектирана радијација, а загадувањето е од хемиска природа.

„Радијација не е утврдена, контаминацијата е хемиска. Обвинителството бара поддршка, но не издава наредби до АРМ. На барањето веднаш беше одговорено и беше означен опасен периметар по сектори, врз основа на што службите започнаа евакуација. Резултатите од мерењата на Инспекторатот за животна средина сè уште не се доставени до обвинителството,“ соопштија од ЈО.

Од таму информираат дека јавен обвинител од ОЈО Скопје издал наредба за прибирање на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини избувна пожарот. Откако ќе се создадат услови и ќе се добијат податоци за видот на складираните материјали, ќе биде наложено вештачење за утврдување на видот на контаминацијата и последиците. Засега, поради небезбедни услови, не може да се изврши увид на лице место, а МВР и натаму го ограничува пристапот за неовластени и лица без соодветна заштита.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска ја посети опожарената локација, потврди дека се приведени четири лица. Во Трубарево е поставена и мерна станица за постојано следење на квалитетот на воздухот.

Според информациите, четири лица побарале лекарска помош по пожарот. Жителка на селото е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија, додека припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец се пуштени на домашно лекување.

Makedonski