„Четири лица побараа помош по пожарот во Трубарево – едно хоспитализирано, другите пуштени на домашно лекување“
Четири лица побарале лекарска помош поради пожарот што избувна во складиште за рециклирање отпад во скопското село Трубарево. Според информациите на министерот за здравство Азир Алиу, во стабилна состојба е жителка на Трубарево која поради коморбидитети е задржана на Клиниката за токсикологија, додека припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и еден полицаец се пуштени на домашно лекување.
Кај хоспитализираната пациентка се вршат дополнителни испитувања и таа добива соодветен третман, а очекувањата се наскоро да биде пуштена дома. Министерството за здравство веќе формира кризен штаб и усвои протоколи за постапување, додека остануваат во сила претходно издадените препораки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Владата попладне ќе одлучува учениците од училиштата во близина на локацијата на пожарот една недела да ја следат наставата онлајн.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, посочи дека според досегашните мерења нема зголемување на радијацијата во воздухот. Таа најави дека дополнително ќе се испитуваат почвата и водата во погодените подрачја.
Андоновска апелираше граѓаните, особено ранливите категории како хронично болни, бремени жени и деца, строго да ги почитуваат дадените препораки, бидејќи иако изгледаат едноставни, можат значително да придонесат за заштита на здравјето.
Според ИЈЗ, не се прават физичко-хемиски анализи, туку мониторинг на квалитетот на воздухот, почвата, водата и радијацијата. Досегашните податоци покажуваат дека нема отстапувања од минималните параметри за радиоактивност.
 
			