Македонија со Србија и Унгарија против свикување на Советот за безбедност?!
Македонија, заедно со Србија и Унгарија, не ја поддржа иницијативата за свикување на Советот за безбедност поради нарушувањето на полскиот воздушен простор од руски беспилотни летала.
Иако во Полска овој упад предизвика силни реакции и алармирање на НАТО, во македонските медиуми веста доби маргинално внимание. Уште повпечатливо е молчењето на домашните политички чинители – и од власта и од опозицијата – за одлуката на Скопје, која дел од аналитичарите ја толкуваат како усогласување со кремлинската линија преку Белград и Будимпешта.
Според критичарите, ова однесување отвора прашања за политичката и финансиската независност на партиите во земјава, потсетувајќи на аферата „Прислушување“ и на сомнежите за странско влијание врз домашната опозиција. Заедничкиот молк на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу отворањето на досиејата на поранешните југословенски служби, ветингот и рестриктивните мерки, сега се дополнува со молкот за дипломатијата на Белград и ставот кон Советот за безбедност.
Аналитичарите предупредуваат дека со ваквиот пристап, Скопје ризикува да остане во сенка на политиките на Белград и Москва, додека вистинските теми за домашната демократија – отворање на архивите и спроведување на ветинг – се туркаат во втор план.