САД го стопираа стратешкиот дијалог со Косово поради постапките на Курти

4

Соединетите Американски Држави го суспендираа планираниот стратешки дијалог со Косово, изразувајќи загриженост за чекорите на вршителот на должноста премиер на Владата во Приштина, јавува „Коха“.

Во соопштение објавено на Фејсбук, американската амбасада во Косово нагласува дека постапките на вршителот на должноста премиер Албин Курти „создаваат зголемени тензии и нестабилност, со што се ограничува способноста на САД продуктивно да соработуваат со Косово по заеднички приоритети“.

„Остануваме посветени на заедничките интереси на САД и народот на Косово. Нашето партнерство се темели на мирот и стабилноста како предуслов за економски развој. За жал, неодамнешните постапки и изјави на Курти претставуваат предизвик за досегашниот напредок“, се наведува во соопштението.

Реакцијата следи по изјавите на Курти дадени на состанокот на Генералниот совет на Движењето „Самоопределување“, каде тој упати критики кон правосудните институции. Вршителот на должноста амбасадор на САД, Ану Пратипати, изрази „длабоко разочарување“, посочувајќи дека таквите настапи ја зголемуваат несигурноста, го поткопуваат политичкиот процес и ги засилуваат меѓуетничките тензии.

„Секое дејствие што ја ослабува политичката и економската стабилност е сериозен предизвик за нашето партнерство“, порача Пратипати.

Од Приштина, пак, владата ги отфрли критиките, оценувајќи дека постапките на извршната власт се „законски и уставни“.

Makedonski