Граѓаните алармираат за загадување, премиерот смирува – но едно е сигурно, Дрисла го труе Скопје
И покрај дождот, пожарот што ја зафати депонијата „Дрисла“ не е целосно изгаснат, а мирис на чад и изгорена пластика и натаму се чувствува во неколку скопски населби. Жителите на Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Драчево алармираат дека се соочуваат со загаден воздух, штипење и солзење на очите, како и отежнато дишење.
Надлежните најавија затрупување на „Дрисла“ и на „Вардариште“, како и забрана за движење поради сомнежи за подметнат пожар.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека според испитуваните параметри, загадувањето „не е алармантно“, иако визуелно изгледа поинаку. Но, екологистите го оспоруваат тоа, наведувајќи дека опасни материи како фурани, диоксини и тешки метали воопшто не се мерат.
„Дали ако не се мерат – значи не постојат?“, прашуваат од О2 Иницијатива, барајќи јавно достапни податоци, ограда и видеонадзор на депониите, физичко обезбедување, независна комисија за истрага и системска реформа преку концептот „нула отпад“.
Управувачкиот комитет за кризи предложи Владата да забрани движење на „Вардариште“, а Дирекцијата за заштита и спасување најави засилени мерки за гаснење и обележување на просторот.
Во меѓувреме, МВР поднесе кривични пријави против три лица кои нелегално создале дива депонија и вршеле дејност на откуп на метали без дозвола.