Петровска: Власта го одложува надзорот врз АНБ поради страв од декласификација
Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, членка на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање, изјави дека е подготвена да претседава со седницата кога и да биде закажана, но го обвини владејачкото мнозинство за несериозен пристап и одолговлекување.
Таа појасни дека вчера добила известување дека ќе раководи со денешната седница, но утрово преку писмо од претседателот на Собранието била информирана за одложување. Причината, според неофицијални информации до кои дошла, била „утната процедура или погрешна примена на Деловникот“.
„Не бегам од одговорност. Подготвена сум да претседавам – било денес во 14, 15 или 22 часот. Но очигледно е дека власта сака да ја насочи дебатата кон деловнички интерпретации, наместо да дозволи вистински надзор. Веројатно, поради страв што ќе откријат документите доколку се декласифицираат“, рече пратеничката.
Таа оцени дека со ваквиот потег власта свесно го одложува процесот, иако токму таа го обелоденила случајот. „Ние немаме што да криеме. Се сомневаме дека власта има“, нагласи таа, додавајќи дека е подготвена јавно да ја поддржи иницијативата за свикување седница, бидејќи власта има доволен број пратеници за тоа.
Според неа, проблемот со безбедносниот сертификат не е пречка, бидејќи законот дозволува издавање привремен сертификат за претседателот на Комисијата. „Ако постои волја од власта, тоа може да се реши уште денес“, порача таа.
Пратеничката предупреди и дека целото одолговлекување може да биде подготовка за следен чекор – спојување на двете агенции, при што директор би станал човек без искуство во безбедносниот сектор.