Нов обвинителен акт за трагедијата во дискотеката „Пулс“ – на товар и сопственикот на агенцијата за обезбедување
Јавното обвинителство поднесе обвинителен акт против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“ ДООЕЛ Скопје, фирмата која била задолжена за обезбедување на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во пожар загинаа 62 млади лица.
Обвинетиот Александар. Н, кој од јуни се наоѓа во куќен притвор, се товари за тешки дела против општата сигурност. Според обвинението, тој заедно со други одговорни лица, не ги почитувал прописите за заштита и безбедност, со што директно придонел за трагичниот исход.
Обвинителството наведува дека „Рубикон“ работела без склучен договор со дискотеката и без изготвен план за обезбедување, додека вработените не спровеле задолжителни проверки на безбедносните услови, излезите и капацитетот на објектот. Дополнително, во објектот бил дозволен влез на малолетници, а не бил спречен внес на пиротехнички средства, со кои, според истрагата, бил предизвикан пожарот.
Истражните органи обезбедиле докази дека обвинетиот фактички ја раководел агенцијата и давал инструкции на обезбедувачите ангажирани во критичната вечер. По пожарот, тој наводно презел чекори за основање нова агенција во Струмица, со иста дејност, но формално под друго одговорно лице.
Иако мерката притвор му беше заменета со куќен притвор и ограничувања за движење и комуникација, Обвинителството најави дека ќе бара продолжување на овие мерки, оценувајќи дека постојат ризици за текот на постапката.