Рама со нова контроверзна изјава: домашните туристи најголеми загадувачи, можна забрана за албанскиот турбофолк на плажите
Албанскиот премиер Еди Рама повторно ја разбранува јавноста со критика упатена кон домашните туристи – особено оние од Албанија, Косово и Северна Македонија. Тој изјави дека токму „туристите кои зборуваат албански, а сакаат да одат во војна со Србија на стадион“, се најголемите загадувачи на албанските плажи.
„Не се странците што зборуваат англиски, шпански или италијански тие што ни ги оставаат плажите во хаос, туку нашите – кои се декларираат како најголеми патриоти, а зад себе оставаат најмногу отпад“, рече Рама.
Како дел од иницијативата за подигнување на туристичката култура и заштита на животната средина, премиерот најави нова мерка – можна забрана за пуштање „талава“ музика во плажните барови и клубови.
Станува збор за музички жанр кој се појавил во 1980-тите меѓу ромските и ашкалиските заедници во Косово и Македонија, а потоа се проширил низ Балканот. Иако е популарен на свадби и прослави, талавата често е предмет на потценување и се поврзува со културни и социјални предрасуди.
Етномузиколозите потсетуваат дека негативниот однос кон жанрот е тесно поврзан со дискриминација кон Роми, Ашкали и Египќани – заедниците кои традиционално ја негуваат оваа музика. Според нив, талавата е дел од културното наследство на Балканот и не треба да биде исклучувана од јавниот живот.
Иако Рама тврди дека станува збор за подигнување на туристичкиот стандард, а не за дискриминација, дел од јавноста неговите изјави ги смета за социјално осетливи и понижувачки – бидејќи директно ја поврзуваат националната припадност со некултура и загадување, а музичкиот вкус со непожелно однесување.