ЗНМ и ССНМ со реакција: Недолично однесување кон новинарки на настан со министерот Алиу
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија сериозна загриженост поради недолично и непрофесионално однесување кон новинарки за време на јавен настан во Скопје, на кој присуствувал министерот за здравство Азир Алиу.
Инцидентот се случил кога новинарите побарале изјави, а одговорното лице за протокол од министерството одбило, притоа на една новинарка обраќајќи ѝ се со навреди: „Невоспитана, дрска и најбезобразна новинарка“.
„Ваквото однесување е неприфатливо и претставува сериозен удар врз достоинството на новинарите и правото на јавноста да биде информирана. Недостаток на санкции може да поттикне повторување на вакви случаи“, наведуваат ЗНМ и ССНМ.
Двете организации го поздравија гестот на солидарност од присутните новинари кои, револтирани, колегијално го напуштиле настанот. Тие апелираат Министерството за здравство итно да го преиспита случајот и да обезбеди професионално однесување на своите службеници кон медиумите.