Ако вака најдоброто допрва доаѓа, „ич нека не доаѓа“
После две и кусур недели од откривањето на спомен бистата на народниот херој Цветан Димов во Кисела Вода сликата од пред споменичниот простор е срамна. Нафрлано ѓубре, исушена трева и расфрлани цвеќиња се само дел од грдата слика која го краси потегот во непосредна близина на општинските простории.

Жителите кои живеат во близина на општината се вчудоневидени од неажурноста на локалните институции кои се задолжени за одржување на овие простори кои пак претставуваат знаменитост на општината па сходно на тоа мора секогаш да бидат „цакум-пакум“ средени и одржани.
Зарем е толку тешко да се одвои еден тим на комуналното претпријатие кој ќе биде задолжен само за споменичните простори и нивно редовно одржување?! Ако „најдоброто што доаѓа“ за Скопје изгледа вака, тогаш „ич нека не доаѓа“
рече еден од минувачите покрај споменикот на Цветан Димов.

Новата спомен биста на народниот херој Цветан Димов беше откриена на 12 август 2025 година по барање на жителите кои уште претходно алармираа дека старата е полу-уништена токму од негрижата на општинските власти, но како тргнало ни оваа нема уште долго да „сјае“ доколку се продолжи со вакво темпо на запоставување.
Да се надеваме дека ова ќе биде уште еден пример од кој ќе се извлече позитивна поука па во иднина да не се дозволи уништување на спомениците поради негрижата на општините.