Судско соочување на психијатриските вештачења за Раде Трајковски – Штекли
Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Штекли“, кој се однесува на организирана продажба на дрога во населбата Аеродром. На денешното рочиште ќе се разгледуваат и ќе бидат соочени психијатриските вештачења за обвинетиот Раде Трајковски – Штекли, доставени од одбраната и обвинителството.
Одбраната тврди дека Трајковски боледува од нарушување со шизофрени карактеристики, има халуцинации и параноидни идеи, па затоа не е способен да ја следи постапката. Од друга страна, обвинителството презентира вештачење според кое обвинетиот е апсихотичен и способен за учество во судската расправа.
Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги повика вештите лица од двете страни за да ги образложат своите наоди, а потоа Судот ќе одлучи дали ќе прифати едно од постојните вештачења или ќе нареди ново.
На претходното рочиште, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – признаа вина, по што постапката за нив беше раздвоена.
Обвинението, покренато од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа 10 лица. Истрагата траела речиси една година и вклучувала примена на посебни истражни мерки. Првично биле осомничени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од три до три и пол години.
Според обвинителството, групата функционирала како добро организирана мрежа – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цена од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. За комуникација користеле Snapchat, а клучните докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ систем за анализа на мобилни телефони, донација од САД.