Трагедија во БиХ: 19-годишно момче загина на минско поле кај Добој

6

Деветнаесетгодишниот Мехмед Хасанамиџиќ од селото Хоџиќи загина во близина на Добој, откако влегол во обележано минско поле, јавуваат босанските медиуми.

Несреќата се случила додека тој се обидувал да ги врати козите кои често талкале во подрачје опасно поради неексплодирани мини. „Тој беше сè за мене. Работеше, беше вреден… И тогаш нешто пукна“, изјавила неговата мајка Ферида Хасанамиџиќ за порталот Аваз.

Семејството, како и дел од другите жители, се вратило во селото по протерувањата за време на војната, но ризикот од мините и понатаму останува присутен.

Според податоците на Босанскиот центар за акција против мини (MAC), од крајот на војната до денес 1.781 лице настрадало од мини, од кои 624 загинале. Жртви има и меѓу деминерите – 53 од нив ги загубиле животите при расчистување на мински полиња.

И покрај напорите за деминирање, повеќе од 800 квадратни километри во БиХ сè уште се сметаат за небезбедни, со над 170.000 заостанати мини. Во ризични области живеат повеќе од 132.000 луѓе.

Makedonski